Евроинтеграции

Продолжуваат притисоците врз македонските власти за уставните измени

03.12.2025 16:58

Официјален Брисел укажува на спроведување на обврските за внесување на Бугарите во Уставот како услов за пристапните преговори. Шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова укажува на големи недоследности во Документот со нацрт заклучоците...

Продолжуваат притисоците врз македонските власти за уставните измени. Официјален Брисел укажува на спроведување на обврските за внесување на Бугарите во Уставот како услов за пристапните преговори. Шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова укажува на големи недоследности во Документот со нацрт заклучоците. Смета дека се заобиколуваат оценките на Венецијанската Комисија и одлуките на Судот во Стразбур за заштита на правата на малцинствата. Вели дека ЕУ може да биде креативна доколу има интерес.

„На таа Втора конференција може да се носи акт, дека не може историјата, јазикот, културата да бидат услов за преговори. Непознато е да барате некоја членка да смени Устав, за да ги почне преговорите. Тоа е многу чудно“, изјави Сиљановска – Давкова.

По сите одстапики кои ги направи Македонија во евроинтегративниот пат, ние сега мора да се самодбраниме-смета Сиљановска Давкова. Потребни ни се гаранции дека условувањата од источниот сосед нема да продолжат.

„Каква гаранција. Правна и политичка. Кој треба да ја даде? Сигурно не ние, туку оној кој ја донел преговарачката рамка и ги донел заклучоците без некој да му укаже, како што беше примерот со Грција. Во членот 7 од Преспанскиот договор јасно е наведено дека ова прашање се затвора“, додаде Сиљановска - Давкова.

Нема таков политичар во земјава кој може да гарантира дека ќе се спроведат уставните измени. Пратениците во Собранието се народни претставници, кој гласаат по сопствено убедување, се поинаку би го отворило прашањето на демократијата – оценува шефицата на државата.

Марина Стојанова-Тонева