Институционални предизвици за лицата со попреченост
Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме-претседателката Сиљановска-Давкова со гласна порака за инклузија на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Државата има само едно средно училиште за лица со оштетен слух. Во „Паретенија Зографски“ годишно настава посетуваат околу 50-тина ученици. Дел од нив, образованието го продолжуваат на факултетите, други успешно водат сопствен бизнис. Предизвик на училиштето е ресурсниот центар каде се обучуваат образовни асистенти, а со чија помош средношколците ќе можат да посетуваат настава во градот каде живеат.
„Во делот на образованието направен е голем исчекор освен учениците што добиваат учење и изучување на различни струки и вештини и занимања, добиваат и вертикална проодност, односно можат да се запишуваат на факултетите голем дел од нив тоа и го правата. А еден дел се и наши колеги“, изјави Слободанка Џеповска – директорка на средното училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“.
Кога би имало училишта за лица со попреченост, во повеќе градови, би било полесно за семејствата и за учениците.
„Знаковниот јазик може да се научи. Во иднина би можеле да размислуваме реформски, може би е тоа и поевтино, а и многу пологично и похумано, во секое средно училиште да имаме експерт за знаковен јазик, да можат учениците на ваков начин тоа што го предава некој да го дознаат“, изјави Гордана Сиљановска Давкова – претседател на државата.
Првите години од животот се клучни за развојот на децата. Министерството за здравство, за социјална политика и за образование ќе воспостават систем за рана детекција на потешкотиите во развојот на детето. Се обучуваат тимови во здравствените установи, и ќе се прави скрининг на сите деца до шестгодишна возраст.
Андријана Ѓурческа
