За 100 проценти зголемен бројот на запишани странски студенти на универзитетот „Свети Апостол Павле“
100 насто поголем број запишани странски студенти на универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Атрактивните програми од областа на информатичките науки и технологии годинава привлекоа студенти дури од Централна и Јужна Америка, Африка и Азија.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле„ полека чекори кон големото друштво на интернационални високообразовни центри. Годинава на оваа наша образовна институција се запиша 5-тата генерација студенти од странство од скоро сите континенти,а нивниот број е двојно поголем во споредба со лани.
„ИТ образованието е неопходно во сите сфери на животот. Во медицината е неопходно да се има ИТ-образование, исто така и во градежништвото, значи во секој еден дел од животот“, вели Абделрахман Јусет, студент од Египет.
„Она што сакам да го кажам за студентите од овој универзитет е тоа што ние како интернационални студенти сме амбасадори на оваа земја во светот и поради тоа се заблагодарувам што сум тука“, Емануел Дукер, студент од Гана.
Постојаното надополнување на наставните програми со нови содржини и квалитетните професори од земјата, Западна Европа и САД се магнет за странските студенти.
„Струката информатички науки и технологии е застапена во сите пори на општеството и е доста барана на глобалниот пазар на трудот.Информатичките науки се универзални,нашиот наставен јазик е англиски и тоа им ги отвора вратите на дипломираните студенти да најдат работа во било која земја во светот“, Нинослав Марина, Ректор на Универзитетот „Свети Апостол Павле“.
Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од регионална гледна точка е уникатен и има огромен потенцијал на подолг рок да придонесе за развојот на македонското стопанство.Студентите тука имаат прекрасна иднина бидеќи сите досега дипломирани се вработија.
Сашо Нелоски
