По колективните оставки во СДСМ, Филипче на ЦО ќе предложи ново раководство и нов состав на Извршниот одбор
Престројување на опозициската СДСМ е нов предизвик за лидерот Венко Филипче. На Централниот одбор се очекува ново раководство и нов Извршен одбор. Конгрес закажан по нова година. Но, идеите на челникот на социјалдемократите не ги поддржуваат дел од поранешните функционери во партијата...

На Централниот одбор лидерот на СДСМ ќе предложи ново раководство и нов состав на Извршниот одбор, по колективната оставка на партиското тело. По нова година ќе се одржи и вонреден конгрес, на кој Филипче ќе предложи програма за идното дејствување на партијата. Колективните оставки го образложи како одговорен и морален чин.
МТВ побара став од поранешни високи функционери во СДСМ за случувањата во опозициската партија. Пред камера не сакаа да говорат, посочувајќи дека својот став го изразиле на социјалните мрежи.
Поранешниот струмички градоначалник Костадин Костадинов кој не ја доби поддршката од СДСМ за нов мандат, вели дека ваквата одлука отвора простор за вистински промени.
„Како замрзнат член, сметам дека иако дел од претходните одлуки на раководството на мојата СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движење напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“.
Софија Куновска напиша: „Ако уште ова помине кај „интелектуалците“ и членството во СДСМ, нека се подготват партијата да се задолжува и натаму додека не се „потроши“ и зградата, а во меѓувреме сите да бидат средство во функција на личните интереси на неколку криминални ликови, чии дела што им демнат со затворски казни над глава треба да застарат. Венко никогаш и немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“.
Поранешната потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска на онлајн медиумите предупредува дека колективните оставки можат да се толкуваат позитивно, но само ако се проследени со јасно утврдена одговорност.
Од владејачката партија го повторија ставот дека за да има вистински реформи во СДСМ оставка треба да си поднесе Филипче.
Новиот состав на Извршниот треба да го избере централниот одбор на СДСМ, кој ќе заседава до крајот на декември.
Игор Панов
