Потонатите бродови од Првата светска војна- туристички адут на Струга
Струга ќе добие уште еден адут за туристичка промоција, посебно за оние кои трагаат по адреналинска возбуда, но и кај научната јавност. Во Oхридското езеро на 400 метри од брегот, подводните археолози открија бродови кои овде мируваат уште од Првата светска војна...

Подводни археолози од природно-научниот музеј од Струга, во централното крајбрежје оддалечено од брегот околу 400 метри пронајдоа брод-влекач и шест-седум бродчиња поврзани како вагони. Ова откритие лежело на длабочина од седум метри и како локалитет било малку познато кај стручната и културната јавност, но и кај Стружани. Овој интересен локалитет е уште еден адут на Струга кој може да прерасне во туристичка атракција.
„Ги утврдивме позицијата и количината на потонатите бродови, како и содржината што ја имале. Дури од оние остатоци материјални што се долу, го утврдивме и типот на бродот, компанијата која го правела и неговата намена. Се надевам дека следните години ќе го афирмираме како еден многу интересен локалитет за сите оние кои се бават или кои се нуркачи професионалци, но и аматери“, рече Сашо Цветкоски, директор на Струшкиот музеј.
А за да станат туристичка атракција, претходно треба да се преземат соодветни мерки, смета подводниот археолог Никола Паскали, учесник во истражувачката експедиција. Најнапред потонатите бродови треба археолошки да се истражат, документираат и позиционираат, да се направат цртежи и потоа да се презентираат пред јавноста.
„Во сите светски нуркачки центри тие дестинации ги привлекуваат туристите, како што се потонати бродови, населби, траги од некаков живот на луѓе порано. На пример во Бугарија има случај на намерно потонување на брод за правење туристичка атракција бидејќи во тој регион немало што да се понуди“, смета Паскали.
На овој овој подводен археолошки локалитет, досега многу малку познат, составен од бродови потонати во време на Првата светска војна започна да се истражува ова лето, кога всушност се одбележа и 100 годишнината од почетокот на големата војна.
Јованчо Наумоски
