Промоција на новиот роман од Венко Андоновски „Александар јава на Запад“’
Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени...

Вечерва со почеток во 19 часот, на Малата сцена во МНТ, ќе се одржи промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Венко Андоновски.
По точно три години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби шест изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери, најавуваат организаторите на промоцијата.
Промотори ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Ерол Ризаов. Истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка на Филолошкиот факултет и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар, обајцата познати домашни ерудити, ќе ни го доближат овој необичен роман давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството.
Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во пишаното, соопштуваат од Издавачкиот центар ТРИ.
