САД и Украина повторно на маса за крај на војната
За денеска закажани дополнителни разговори меѓу Украина и САД. Трамп претпазлив оптимист, Зеленски подготвен за дипломатија, но заедно со притисок врз Русија. За Кремљ значајно е што воените успеси на фронтот биле клучни во преговорите Вашингтон-Москва…

САД и Украина повторно на маса во Флорида. По средбата со Путин во Москва, американскиот специјален претставник Виткоф ги продолжува разговорите со украинскиот шеф за безбедност Умеров во Мајами. Во фокусот – ревидираниот мировен план и територијалните прашања во обид да се оконча војната. Трамп-претпазлив оптимист, верува дека шефот на Кремљ сака да ја заврши војната, иако средбата во Москва не донесе компромис.
„Претседателот Путин имаше многу добар состанок со Кушнер и Виткоф. Што ќе произлезе од таа средба, не можам да ви кажам, бидејќи за танго се потребни двајца. Путин би сакал да ја заврши војната, тоа беше нивниот впечаток“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Зеленски истакна дека Украина е конечно слушната и нивната позиција сега јасно се зема предвид. Додава дека постои можност за крај на војната, но само ако дипломатијата оди заедно со притисок врз Русија.
„Очекуваме ова да продолжи. Само со целосно разгледување на интересите на Украина е можен праведен мир. Светот сега јасно чувствува дека постои можност за завршување на војната, а сегашната активност во преговорите мора да биде поткрепена со притисок врз Русија“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Советникот на Путин, Ушаков тврди дека по руско-американските разговори расположението е позитивно, имплицирајќи дека руските воени успеси на фронтот одиграле важна улога во преговорите Вашингтон-Москва.
„Расположението е позитивно, ние сме подготвени да вложиме секаков можен напор за да постигнеме долгорочно решение кое ги исполнува нашите цели. Американците ја потврдија подготвеноста да ги земат предвид нашите загрижености и клучни предлози“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на Путин.
Францускиот претседател Макрон кој е во посета на Кина, го повика Пекинг да помогне во обезбедувањето на прекин на огнот во Украина со мораториум за руски напади врз цивилната инфраструктура.
„Ова е клучно за претстојната зима, бидејќи денес цивилната инфраструктура, особено енергетската, е сè уште под руски оган. Пошироко, се надевам дека ќе можеме да работиме заедно за праведен и траен мир, односно мир што ќе го почитува меѓународното право“, истакна францускиот претседател, Емануел Макрон.
Во истовреме, НАТО ги поздрави тековните мировни напори на САД и уште еднаш ја потврди поддршката за Киев. Наспроти дебатите за мир, на фронтот борбите продолжуваат со несмалено темпо.
Бојана Крстевски
