Сторија на РТС

Србија: Европска поддршка за железницата и природниот гас

07.12.2025 19:26

Реформи и инвестиции се неизоставен дел од програмата за РАТС на Европската унија за земјите од Западен Балкан. Во Србија, средствата на европските фондови се вложуваат во модернизација на железницата, дури 600 милиони евра во делницата Белград-Ниш. Македонската телевизија ја пренесува сторијата на колегите од Радио-телевизија Србија за придобивките од очекуваното членство во Европската унија, учествувајќи во проектот на Евровизиската регионална мрежа, ЕРНО во која се вклучени 15 јавни радиодифузни сервиси.

Во последните две децении, Европската унија поддржа голем број инфраструктурни проекти од клучно значење за социјалниот и економскиот развој на Србија преку доделување грантови.

Изградбата на гасниот интерконектор Србија – Бугарија и реконструкцијата на железничката линија Белград – Ниш се меѓу најголемите проекти финансиски поддржани од Европската унија.

„Ако го погледнеме периодот од 2008 година, од потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, износот е приближно еднаков на три буџети на ЕУ. Средствата доделени за Србија изнесуваат околу 4,5 милијарди евра. На тоа треба да се додадат регионалните програми за Западен Балкан во кои Србија учествува, како и сите програми на Унијата кои не се финансирани од претпристапниот фонд, плус средствата што се пласираат преку европските банки. Кога сè ќе се собереЕвропската унија е првиот донатор во Србија во споредба со сите други донатори и партнери кои ја поддржуваа Србија во претходните децении“, изјави Ана Илиќ од НАЛЕД.

Раководителот на секторот за соработка во делегацијата на ЕУ во Србија, Мауро ди Вероли, посочува дека 600 милиони евра се инвестирани во модернизацијата на железничката линија Ниш – Белград, исклучиво од ИПА фондови. Средствата од овие фондови најчесто се користат за обнова на училишта, болници, културни институции и друго.

„Најголемата јавна инвестиција што ја финансираме во регионот, всушност во целиот Западен Балкан, е овде во Србија – модернизацијата на железничката линија Ниш – Белград. Тоа е амбициозен и значаен проект, за кој обезбедуваме 600 милиони евра грантови од ИПА, заедно со заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Вкупниот износ е 2,2 милијарди евра. Тоа е проект од огромно значење за економскиот развој на Србија и регионот“, изјави Мауро ди Вероли, делегација на ЕУ во Србија.

„Секако, еден од најстратешки важните проекти, и за Србија и за целиот регион и Европа, е гасниот интерконектор, затоа што обезбедува диверзификација на снабдувањето со гас. Тоа е проект со не само финансиско, туку и стратешко значење“, вели Ана Илиќ, НАЛЕД.

„Гасниот интерконектор со Бугарија директно го решава прашањето на диверзификација, односно набавка на гас од различни снабдувачи, што е прашање на енергетска безбедност. Ова е токму она што интерконекторот со Бугарија, земја- членка на ЕУ, може да му обезбеди на Србија“, додава Ди Вероли и дополнува:

„Во периодот 2007 – 2013 мобилизиравме 1,2 милијарди евра од ИПА фондови, потоа во следната финансиска рамка 2014 – 2020 износот се зголеми на 1,7 милијарди евра, а во тековната рамка која ќе трае до 2027 веќе сме во опсег од 2,2 милијарди евра.“

Делегацијата на ЕУ во Србија наведува дека најдобрата потврда за тоа каде реформите носат резултати може да се види во Планот за раст на Западен Балкан.

„За разлика од некои други области, насочени кон развој на економијата и граѓанското општество, каде бројни програми на ЕУ одат надвор од претпристапните фондови, инфраструктурата во социјалниот сектор е најчесто, а можеби и целосно, финансирана од претпристапни фондови. Поголемите инфраструктурни проекти од национално значење, како што се Клиничкиот центар во Белград или Универзитетската детска клиника во Тиршова, се финансирани од ИПА фондови“, изјави Илиќ.

„Без разлика дали средствата се насочени кон зајакнување на правосудството, кон земјоделците за подобрување на агробизнисите, или кон решавање на клучни социјални прашања како социјална инклузија, заштита, образование, невработеност или модернизација на јавната администрација – сè е во функција на реформите“, нагласува Ди Вероли.

Заслугите доаѓаат според постигнатите резултати, а сè со една цел – Србија што побрзо да стане полноправна членка на Европската унија.