Судските реформи се ахилова пета на интеграцијата
Македонската телевизија продолжува со емитувањето на стории поврзани со придобивките од членството во Европската унија, дел од проектот на ЕРНО, Евровсизиската регионална мрежа во којашто учествуваат 15 јавни радиодифузни сервиси. За Албанија се зборува дека има загарантирано членство во Унијата во 2027-та, но пред земјата се испречуваат неколку фактори. Брисел бара од Тирана забрзана реализација на реформите во правосудството. Сторијата е на колегите од Албанската телевизија …

Реформите остануваат главен услов за интеграцијата на Албанија, како и на целиот регион на западен Балкан, во Европската унија. За да може земјата да има корист од Планот за раст на ЕУ за регионот, до 2027-ма година мора да спроведе 31 реформа во правосудството, јавната администрација, климата, образованието, инфраструктурата и технолошките сектори.
„ЕУ имаше многу важни точки во својата агенда за реформите. Веќе е познато дека еден од главните столбови беше реформата во правосудниот систем, која без сомнение имаше директно влијание врз функционирањето на институциите и спроведувањето на законот“, вели Мајлинд Лазими, економски експерт.
Еден од секторите што доби значителни инвестиции е правосудната реформа, која останува фундаментален услов за интеграција во Унијата.
„Грантовите и заемите дадени за патна инфраструктура беа многу важни, како и заемите искористени за реконструкција на училишта. Имаше и проекти поврзани со системи за водоснабдување и други услуги“, додава Лазими.
Економскиот експерт Мајлинд Лазими нагласува дека ЕУ средствата не се насочени само кон правосудството, кое се смета за „Ахилова пета“ на процесот на интеграција, туку и кон инфраструктура, зелена енергија и земјоделство, давајќи поттик за нивниот развој.
„Наш главен приоритет во овој буџет е понатамошно зајакнување на правосудната реформа. Друг важен момент е подготовката на албанската економија и различните сектори – енергија, транспорт, земјоделство, дигиталниот сектор и телекомуникациите – за да биде земјата подготвена за единствениот пазар на Европската унија“, вели Мајлинда Дука, главен преговарач на Албанија.
Главната преговарачка Мајлинда Дука изјави дека Албанија напредува со стабилно темпо кон ЕУ. Според неа, приоритет е подготовката на економијата за европскиот пазар и зголемување на конкурентноста. Таа додаде дека земјата само оваа година добила 163 милиони евра од Планот за раст на ЕУ.
„Како опозициска сила побаравме поголемиот дел од овие средства да одат во конкретни проекти, а не само во техничка помош. Со години, на секој самит, Албанија не успева да апсорбира конкретни проекти“, смета Џорида Табаку, пратеник од Демократската партија.
Сепак, опозицијата изразува загриженост дека Владата нема доволен капацитет да ги апсорбира европските фондови, често фокусирајќи се само на техничката помош што ја обезбедува унијата.
„Имаме конкретен случај со проекти поврзани со земјоделскиот сектор, каде ИПАРД фондовите беа суспендирани. Ова треба да биде лекција. Европските фондови не доаѓаат како подарок. Тие бараат одговорност и исполнување на услови“, смета Лазими.
Лазими потсетува дека европските фондови бараат внимателно управување, транспарентност и отчетност, потсетувајќи на суспензијата на ИПАРД фондовите поради нивна злоупотреба. Опозицијата додава дека проблемот бил корупција, што резултирало со штета од околу 120 милиони евра.
„Проблемот со ИПАРД фондовите беше корупција. Беше воспоставена корумпирана шема, која ја суспендираше пристапноста на Албанија до овие фондови, што резултираше со штета од околу 120 милиони евра“, додава Табаку.
Во ноември 2023 година, Европската унија одобри нов план за раст за шесте земји од Западен Балкан, со цел регионалните економии да растат побрзо и да се усогласат со европските стандарди во наредната деценија. Албанија е дел од овој трансформативен процес, но успехот ќе зависи од темпото на реформите и управувањето со секое европско евро што влегува во земјата.
