Украина

Нова рунда преговори САД-Украина во Флорида

04.12.2025 17:44

Нова рунда преговори САД-Украина во Флорида, по средбата на американските претставници со Путин во Москва. Трамп верува дека шефот на Кремљ сака да ја заврши војната, но за танго вели, се потребни двајца. Русија тврди расположението е позитивно, но постигнувањето консензус околу мировниот план останува тешко. Украина, пак, очекува дипломатијата да оди рака под рака со засилен притисок врз Русија. Додека големите сили бараат формула за договор, борбите на терен продолжуваат.

САД и Украина повторно на маса во Флорида. По средбата со Путин во Москва, специјалниот претставник Виткоф ги продолжува разговорите со украинскиот шеф за безбедност Умеров во Мајами. Во фокусот – ревидираниот мировен план и територијалните прашања во обид да се оконча војната. Трамп претпазлив оптимист, верува дека шефот на Кремљ сака да ја заврши војната, иако средбата во Москва не донесе компромис.

„Претседателот Путин имаше многу добар состанок со Кушнер и Виткоф. Што ќе произлезе од таа средба, не можам да ви кажам, бидејќи за танго се потребни двајца. Путин би сакал да ја заврши војната, тоа беше нивниот впечаток“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Зеленски истакна дека Украина е конечно слушната и нејзината позиција се зема предвид. Тој очекува и дипломатија и притисок врз Русија.

„Само со целосно разгледување на интересите на Украина е можен праведен мир. Светот сега јасно чувствува дека постои можност за завршување на војната, а сегашната активност во преговорите мора да биде поткрепена со притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Москва соопшти дека расположението е позитивно. Путин ја оцени средбата како корисна, но предупреди дека постигнувањето консензус околу мировниот план е тешко.

„Расположението е позитивно и ние сме подготвени да вложиме секаков можен напор за да постигнеме долгорочно решение, кое ги исполнува нашите цели. Американците ја потврдија подготвеноста да ги земат предвид нашите загрижености и клучни предлози“, изјави Јуриј Ушаков – советник за надворешни работи на Путин.

Франција во обид да ја убеди Кина да ја намали финансиската поддршка за Русија и да помогне во обезбедување прекин на огнот, со мораториум на руски напади врз цивилната инфраструктура и поддршка за траен мир во Украина.

„Ова е клучно за претстојната зима, бидејќи денес цивилната инфраструктура, особено енергетската, е сè уште под руски оган. Пошироко, се надевам дека ќе можеме да работиме заедно за праведен и траен мир, односно мир што ќе го почитува меѓународното право“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

„Кина ги поддржува сите напори насочени кон постигнување мир и ќе продолжи да игра конструктивна улога во политичкото решавање на оваа криза, но најостро ги осудуваме сите неодговорни обвинувања против Пекинг“, изјави Шји Џјинпинг -претседател на Кина.

НАТО ги поздрави тековните мировни напори на САД и уште еднаш ја потврди поддршката за Киев. Наспроти дебатите за мировно решение, на фронтот борбите продолжуваат со несмалено темпо.

 

Бојана Крстевски