Реорганизација на водостопанството за подобар аграр
Владата одлучи да формира Акционерско друштво „Водостопанство на Република Македонија“ со седиште во Скопје во кое, како подружници, влегуваат и 12-те досегашни водостопански претпријатија...
Се врши комплетна реорганизација на водостопанскиот сектор во земјава. Владата одлучи да формира Акционерско друштво „Водостопанство на Република Македонија“ со седиште во Скопје во кое, како подружници, влегуваат и 12-те досегашни водостопански претпријатија. Со промените ќе се создаде подобра организациска подготвеност во пресрет на најавениот голем инвестициски циклус во овој сектор, вреден околу 200 милиони евра.
„Владата во следниот период планира еден обемен амбициозен и квалитетен инвестициски циклус со голем број на инвестиции во водостопанството во вкупна врендост на инвестициите од околу 20 милиони евра на годишно ниво, во следниов десет годишен период“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.
Практично се врши модернизација на целиот систем, како и на условите за работа на самото водостопанство, но и обезбедување подобри услови за зголемување на производството на земјоделците. Анализите покажале дека не сите 12 постојни водостопанства се еднакво успешни во работењето. Најдобри економски резултати покажале претпријатијата од: Скопје, Битола, Прилеп и Радовиш. За нијанса послаби биле Куманово, Струмица, Кочани и Кавадарци, а одредени слабости покажале фирмите од: Гостивар, Гевгелија, Ресен и Берово.
Финансиската анализа покажува дека водостопанските претпријатија побаруваат вкупно 400 милиони денари,а обврските тежат околу 80, вели Ѓорѓиев, а во новото акционерско друштво не влегуваат Хидро системите: Стрежево, Лисиче и Злетовица, кои продолжуваат да работат самостојно.
Свето Николовски
