МВР

Кривична пријава против поранешен градоначалник и уште пет лица за злоупотреби при набавка на електрични автобуси во Струмица

04.12.2025 12:34

Пријавениот поранешен градоначалник К.К. се сомничи за злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување договор за јавна набавка. Тој, според пријавата, ги прекршил правилата на тендерската процедура со ангажирање на лице без соодветни стручни квалификации и без лиценца А за надзор од областа на електротехниката.

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешен градоначалник на општина Струмица и уште пет лица поради сомневање за сериозни неправилности во постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“.

Пријавениот поранешен градоначалник К.К. се сомничи за злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување договор за јавна набавка. Тој, според пријавата, ги прекршил правилата на тендерската процедура со ангажирање на лице без соодветни стручни квалификации и без лиценца А за надзор од областа на електротехниката. Во тендерската документација биле внесени спецификации кои речиси идентично одговарале на карактеристиките на автобусите што подоцна биле набавени, што упатува на можност за претходно договарање.

За несовесно работење во службата се пријавени и директорот на ЈСП „Струмица-Транспорт“ Д.П.С., како и членовите на комисијата за јавни набавки К.Б., Л.Ј. и Л.Ѓ. Тие, според полицијата, овозможиле во постапката да учествува лице без потребната квалификација и лиценца А, иако тоа лице било одговорно за техничката евалуација, надзорот и имплементацијата на проектот.

Г.П. од Скопје, пак, се сомничи дека помогнал при злоупотребата на постапката и дека учествувал во реализацијата на набавката и покрај тоа што поседувал само лиценца Б, недоволна за работите за кои бил ангажиран.

Со овие дејствија била спроведена набавка на 10 електрични автобуси во вредност од 429.933.595 денари. Од полицијата велат дека постои сомневање за причинета материјална штета од поголеми размери, како и за доведување во прашање на квалитетот, безбедноста и реалната вредност на набавените автобуси.