Инвестиции и образован кадар – клуч за поголема конкурентност

04.09.2014 16:31

Македонија забележа скок од 10 позиции во Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум. Домашните бизнисмени со оценка – за поголем напредок, потребни се повеќе инвестиции во инфраструктурата, осмислена образовна политика која ќе креира добро поткован технички кадар, повеќе пари за инвестиции и воведување нови технологии.

За поголема конкурентност се потребни пари и банки што ќе ги следат компаниите во инвестицискиот процес. Зголеменото кредитирање по поволни услови е клучно за раст на производството, за нови вработувања и за воведување модерни технологии, што ќе не држат во тек со конкуренцијата.

„За да се биде конкурентен, треба постојано да се инвестира во машини и кадар. За да инвестирате во машини, треба да добиете евтини и поволни кредити што ќе бидете во можност и да ги вратите и да ги отплатите машините. Дополнително, треба да добиете соодветен образован кадар што ви е потребен во производството. Доколку вие го дообразовате, автоматски ви се зголемуваат трошоците“, изјави Аце Антевски, бизнисмен.

И домашните и странски компании се уште имаат проблем да најдат квалификувани работници кои адекватно ќе одговорат на барањата на пазарот на трудот. Едно од решенијата што ги предлага бизнисменот Антони Пешев, е повеќе да се инвестира во секундарната патна мрежа за да се подобри мобилноста на работниците.

„Во Кавадарци има засилен економски раст. Имаме ситуација во која странските компании се жалат дека имаат недостиг од работна сила, а Градско, место кое е во непосредна близина, тоне во невработеност.  Мислам дека се потребни инвестициите во секундарната инфраструктура, да се овозможи луѓето да не го менуваат местото на живеење, а сепак, да работат во компаниите кои имаат можност да акумулираат работна сила“, изјави Антони Пешев, бизнисмен. 

Странските компании, кои како гринфилд инвестиции влегоа во слободните зони, со себе донесоа нови технологии. Домашните фирми се под притисок да го следат трендот и да ја зголемат сопствената конкурентност.

Глобалната економија закрепнува од кризата, а Македонија ја зголемува сопствената конкурентност. За две години, во рангирањето на Светскиот економски форум, бележиме напредок од 17 позиции. Ваков напредок ретко се гледа, особено што во Извештајот се опфатени многу повеќе индикатори споредно, на пример, со “Дуинг бизнис“ на Светска банка. Македонија сега е рангирана на 63-та позиција, меѓу лидерите во регионот.

Мартин Пушевски