Кривична пријава за ексградоначалникот на Струмица за електричните автобуси
Поранешниот прв човек на Струмица, Костадин Костадинов е осомничен дека извршил злоупотреба постапката за набавка на електричните автобуси. Ангажирал лице кое ги немал стручните компетенции во целиот процес. Кривични заработија и други пет лица кои во овој процес несовесно ја извршувале работата.

Ексградоначалникот на Струмица Костадин Костадинов заедно со други пет лица се осомничени за злоупотреба на постапката за јавна набавка на десетте електрични автобуси. Костадинов се товари бидејќи за постапката ангажирал лице од Скопје кој не ги поседувал потребните стручни квалификации и да биде одговорен за целиот процес околу договорот за јавна набавка.
Поранешниот прв човек на Струмица Костадин Костадинов ги отфрли наводите дека сторил кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси. Според него проектот ги запазил сите постапки од иницијатива, одлуки на советот, формирање јавно претпријатие и набавка на автобусите.
„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за коишто постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса“, стои во ФБ статусот на Костадинов.
Според МВР биле набавени 10 електрични автобуси во износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери бидејќи во услови на отсуство на лице со неопходните стручни квалификации доведена е во прашање реалната вредност, квалитетот, веродостојноста на техничките спецификации на набавените автобуси.
Ване Трајков
