Промовирана платформа за следење на реализацијата на проектите
Јавните средства, под јавен надзор. Владата изготви платформа за планираните проекти. Секоја информација е достапна, секој чекор е документиран, а секое ветување е проверливо, вели премиерот Мицкоски…

Владините проекти под лупа на граѓаните. Преку платформата proekti.gov.mk во реално време ќе се следат договорите, рокот и фазата на реализација на инвестициите. Јавноста ќе има увид до каде е изградбата на нови улици, градинки, училишта, инвестиции во инфраструктурата. Според премиерот Мицкоски – државата е отчетна, ќе се знае каде се трошат народните пари.
„Со оваа платформа ја отвораме работата на институциите и воспоставуваме нова рамка на доверба, каде што јавноста не чека одговори – туку ги има пред себе. Транспарентноста не е формална обврска, туку е суштинско демократско правило, основа на довербата, стабилноста и на вистински одговорните политики. Затоа оваа платформата е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.
Мицкоски посочи, преку првиот јавен повик, од 288 проекти финансирани од државната каса во висина од близу 75 милиони евра, сите се започнати со реализација. Од нив над 190 се целосно завршени.
Преку вториот повик за финансирање на општините со унгарскиот кредит опфатени се 828 проекти во вредност од 225 милиони евра, 50 се завршени или во финална фаза, а за над 500 се потпишани договори за нивна реализација.
Со неколку кликови ќе може да се следи секој проект, договор, рокот и фазата на реализација. Според власта, на овој начин ниту еден проект повеќе нема да биде скриен во институционалните лавиринти.
Андријана Ѓурческа
