В сабота 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ со над 850 делегати
За најмногу два месеци ќе биде разрешен државниот јавен обвинител Коцевски, Владата ќе го активира барањето вели премиерот Мицкоски. Реконструкција на владиниот кабинет ќе има в година, а внатрепартиски промени по Конгресот што ќе се одржи в сабота – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на брифингот со новинарите...

Изборниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во сабота ќе донесе и документ за генерацијата што доаѓа 2030 кои содржи визија за столбовите на кои ќе се темели понатамошната изградба на државата – обелодени претседателот Христијан Мицкоски кој е единствен кандидат засега за претседателската фотелја на партијата. Тој по Конгресот ќе предложи и избор на нови членови во Извршниот одбор, но и во дел од останатите структури на партијата како што се општинските одбори.
За владината реконструкција Мицкоски посочува дека таа би се случила во периодот април – мај, но дека нема намера да се прават предвремени парламентарни избори, затоа што ќе застане процесот на реформи, а ќе забават исклучително важните економски процеси. За евентуално интензивирање на разговорите со Бугарија-Мицкоски вели: немаме партнер за танго.
„Имаше иницијативи и од Брисел и од други влијателни земји членки на ЕУ да се седне на билатерални состаноци. Ние сме подготвени, но нема информации дали Бугарија е подготвена да седне на маса. Утре да ги внесеме Бугарите во Уставот, прашање е дали за три, пет или шест месеци ќе добиеме нов услов“, рече премиерот Мицкоски на брифингот.
Како што рече Мицкоски, фокусот сега е насочен и кон три дневниот самит на Европска унија Западен Балкан кој ќе се одржи на средина од месецот. Тој останува на ставот дека судско обвинителската фела нема да добие поголем буџет за плати. Вели многу скоро ќе започне постапката за смена на главниот јавен обвинител Љупчо Коцевски која би траела најмногу два месеци.
Миле А.Ристески
