Комисија за европски прашања

Македонија успешно го усогласува македонското со европското законодавство

04.09.2014 16:42

Иницијативите за приближување на регионот кон Унијата како онаа на Германија со неодамна одржаниот Самит во Берлин треба да вродат со плод, потенцира екс шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски...

Македонија успешно ги спроведува реформите за усогласување на македонското со европското законодавство. Иницијативите за приближување на регионот кон Унијата како онаа на Германија со неодамна одржаниот Самит во Берлин треба да вродат со плод, потенцира екс шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на седницата на собраниската Комисија за европски прашања.

Најверојатно тоа членство нема да се случи поединечно. Она што се насетува како можен план на ЕУ е дека сите земји од регионот би требало според дипломатската активност со завршување на домашните задачи да станат членки на ЕУ до 2019, 2020 година, што вели, Милошоски не е така далеку.

Собранието има и една слабост, што ќе биде забележана и од Европската комисија во извештајот за земјата, а тоа е отсуството на опозицијата од пратеничките клупи рече Антонио Милошоски.

„Усвојувањето на европското законодавство, ажурноста на Владата и посветеноста на Собранието, големата поддршка на сите граѓани на Република Македонија за членството во Европската унија, сметам дека се многу силни аргументи за да можеме да очекуваме нашите пријателски земји на чело со претседавачот Италија, оваа година да се заложат на овогодинешниот Европски совет за добри заклучоци и се надеваме за добра одлука, којашто на Македонија ќе и ги отвори вратите за почеток на преговорите“, смета потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

За вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во клучните области, судството, економските реформи и борбата против корупцијата, Македонија постигнува одлични резултати.

„Сега е во фаза на реализација и проектот којшто е во однос на програмата која е во соработка со ЕУ и министерството за правда во однос на подобрување на квалитетот на судството и подобрување на ефикасноста“, нагласи вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.

Бесими во образложувањето на завршените обврски од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ за вториот квартал истакна дека донесени се 13 закони, шест се во собраниска и владина посрапка, а шест се во подготовка. Од предвидените 130 позкаконски акти, пак, донесени се 49, а 18 се во меѓуресорска дебата.

Миле А. Ристески