Продолжуваат преговорите меѓу САД и Украина за крај на војната
Украина ги продолжува преговорите со САД. Путин во посета на, Њу Делхи, изјави дека Русија работи на мирно решение за украинскиот конфликт. Не стивнуваат судирите на фронтот...

Украина ги продолжува разговорите со САД. Се разјаснуваат деталите од состанокот во Русија за да се координираат следните чекори за постигнување праведен мир-изјави Зеленски, нагласувајќи дека тој е можен само под услов на вистинска безбедност за Украина.
„Нашата задача сега е да добиеме целосни информации за тоа што беше кажано во Русија – какви други изговори најде Путин за да ја продолжи војната и да изврши притисок врз нас и нашата независност. Украина е подготвена за секаков можен развој на настаните. Секако, ќе работиме што е можно поконструктивно со сите наши партнери за да може да се постигне достоинствен мир-само тој обезбедува вистинска безбедност. Разбираме дека за тоа е потребна партнерска поддршка, и сега, и во иднина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Путин, кој е во посета на Индија на средбата со индискиот премиер Моди во Њу Делхи, изјави дека Русија работи на мирно решение за украинскиот конфликт.
„Русија работи на мирно решение за украинскиот конфликт. Ми дадовте шанса, детално да раскажам што се случува во украинските работи и што правиме со некои други партнери, вклучувајќи ги и САД, по прашањето за можно мирно решавање на оваа криза. Ви благодарам за вашето внимание и вашите напори насочени кон решавање на ситуацијата“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
„Имам целосна доверба дека напорите направени во претходните денови ќе го водат светот кон правецот на мирот. Индија не е неутрална, Индија е на страната на мирот. Ние ги поддржуваме сите напори за мир и стоиме рамо до рамо во однос на мирот. Конфликтот треба да заврши преку дијалог и дипломатија. Ние поддржуваме мирно решение на конфликтот“, истакна индискиот премиер, Нарендра Моди.
Додека посетата на Путин ја истакнува поддршката на Москва од моќни сојузници, западните партнери на Зеленски остануваат цврсто на страната на Украина.
„Мора да бидеме вкоренети во причината за конфликтот овде. Стоиме со Украина, со нашите сојузници веќе речиси четири години. Ќе продолжиме да го правиме тоа за да се осигураме дека Украина е во најсилната можна позиција доколку конфликтот продолжи и во најсилната можна позиција доколку има прекин на огнот и траен мир“, рече Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
И покрај потрагата по мирни решенија, жестоките судири на фронтот продолжуваат. И двете страни јавуваат за напади и соборени дронови.
Бојана Крстевски
