Евроинтеграции

Муцунски на состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Виена

05.12.2025 11:24

На настанот присуствуваа шефовите на дипломатиите од земјите членки на ЕУ вклучени во иницијативата, министрите од регионот и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“, одржан во Виена на покана на австриската министерка за европска и меѓународна политика, Беате Мајнл-Рајзингер.

На настанот присуствуваа шефовите на дипломатиите од земјите членки на ЕУ вклучени во иницијативата, министрите од регионот и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.

Муцунски ја истакна силната заложба на Северна Македонија за забрзување на пристапниот процес и продлабочување на соработката со ЕУ во рамките на фазната интеграција. Тој посочи дека Планот за раст, „Зелените ленти“, приклучувањето кон SEPA и други иницијативи веќе носат конкретни придобивки за граѓаните и економијата.

Министерот нагласи дека земјата останува доследен и доверлив партнер на Унијата преку реформите, усогласеноста со заедничката надворешна политика, придонесот за европската безбедност и поддршката за Украина. Притоа предупреди дека политичките блокади кои не се засноваат на европски критериуми го нарушуваат кредибилитетот на проширувањето.

Муцунски исто така повика на подобра синхронизација на преговорите со фазната интеграција, поинтензивно вклучување на кандидатите во европските секторски политики и намалување на административните бариери.

Во делот на енергетиката, тој ја нагласи потребата од заеднички пристап кон енергетска безбедност, диверзификација и интеграција на регионот во европскиот енергетски пазар.