Култура

Студенти од ФЛУ реставрираа две дела од Никола Мартиноски

05.12.2025 14:17

Под менторство на доц. м-р Марија Сотировска Богдановска и доц. м-р Маријета Сидовски, студентите спроведоа стручна анализа, чистење и стабилизација на боениот слој, како и визуелна интеграција на рамките...

Во рамките на конзерваторско-реставраторската работилница „Методи на чистење на уметнички дела на водена база“, финансирана од ИКСССА 2025, студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје работеа на конзервација и реставрација на две слики од Никола Мартиноски – „Девојчиња“ и „Мртва природа – риби“, сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Под менторство на доц. м-р Марија Сотировска Богдановска и доц. м-р Маријета Сидовски, студентите спроведоа стручна анализа, чистење и стабилизација на боениот слој, како и визуелна интеграција на рамките. Кај „Девојчиња“ беше отстранет пожолтен лак и поправени локалните оштетувања, додека „Мртва природа – риби“ беше исчистена од прашина и чад без задирање во оригиналниот слој.

Работилницата им овозможи практична работа со автентични дела и претставува значаен придонес кон развојот на идните конзерватори и реставратори, како и кон зачувувањето на културното наследство.