Грчките земјоделци ги продолжуваат протестите
Грчките земјоделци ги интензивираат блокадите на патишта и гранични премини. Гневни се од доцнењето на субвенциите и недоволната државна поддршка...

Грчките земјоделци ги интензивираат протестите, проширувајќи ги блокадите со стотици трактори поради високите трошоци, доцнењето на субвенциите и недоволната државна поддршка. Најавени блокади на нови локации додека протестот на граничниот премин „Евзони“, кој почна на 1 декември, продолжува.
„Грчките лесно расипливи производи ќе можат да се извезуваат. Преостанатите, кои се за увоз, нема да можат да се увезуваат. Донесената одлука е да се затвори преминот додека не видиме што ќе се случи“, изјави Јоргос Сидиропулос – раководител на земјоделско здружение.
Земјоделците ги пропуштаат само камионите кои превезуваат грчки производи и возила во итни ситуации.
„Нема друг начин. Телефоните ѕвонат секој ден, во долгови сме, не сме платени, сè уште ми должат пари за 2023 и 2024 година, а не сум видел ниту денар за годинава“, изјави земјоделец од Грција.
Блокада и застој и на бугарско-грчката граница. Бугарските гранични служби се во постојани преговори со своите грчки колеги за да се организира фазен премин за тешките товарни возила.
„Загубите се големи. Чекаме повеќе од десет часа“, изјави Петар Захаринов – возач на камион.
„Не знаеме што ќе се случи. Во постојан контакт сме со грчките власти, или директно или преку координативниот центар. Преговараме со нив за да обезбедиме временски периоди за да се дозволи поминување на сообраќајот“, изјави Стојчо Трајанов – началник на единицата за гранична полиција „Петрич“.
Се очекуваат нови разговори во обид да се отстранат блокадите.
Катерина Бојаџиева
