Заврши последната рунда разговори Киев - Вашингтон за постигнување мир
Завршија последните американско-украински разговори за постигнување мир. Деталите засега не се откриваат. Зеленски претходно порача дека средбата била насочена кон разјаснување на пораките од состанокот во Русија и усогласувањето на следните чекори кон праведен мир, кој, како што нагласи, е можен само со вистински безбедносни гаранции за Украина...

Заврши последната рунда разговори Киев-Вашингтон во САД. Деталите засега не се откриваат, но Зеленски претходно порача дека средбата била насочена кон разјаснување на пораките од состанокот во Русија и усогласувањето на следните чекори кон праведен мир, кој, како што нагласи, е можен само со вистински безбедносни гаранции за Украина.
„Нашата задача сега е да добиеме целосни информации за тоа што беше кажано во Русија – какви други изговори најде Путин за да ја продолжи војната и да изврши притисок врз нас и нашата независност. Украина е подготвена за секаков можен развој на настаните. Секако, ќе работиме што е можно поконструктивно со сите наши партнери за да може да се постигне достоинствен мир-само тој обезбедува вистинска безбедност. Разбираме дека за тоа е потребна партнерска поддршка, и сега, и во иднина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Оптимистички тонови за крајот на војната пристигнаа од американскиот потпретседател Венс кој во интервју за „NBS News“ вели дека се надева на добри вести во следните неколку недели. Во истовреме, Путин, кој е во посета на Индија на средбата со премиерот Моди, изјави дека Русија работи на мирно решение за украинскиот конфликт.
„Русија работи на мирно решение за украинскиот конфликт. Ми дадовте шанса, детално да раскажам што се случува во украинските работи и што правиме со некои други партнери, вклучувајќи ги и САД, по прашањето за можно мирно решавање на оваа криза“, рече рускиот претседател, Владимир Путин.
„Индија е на страната на мирот. Ние ги поддржуваме сите напори за мир и стоиме рамо до рамо во однос на мирот. Конфликтот треба да заврши преку дијалог и дипломатија“, порача индискиот премиер, Нарендра Моди.
Додека посетата на Путин ја истакнува поддршката на Москва од моќни сојузници, западните партнери на Зеленски остануваат цврсто на страната на Украина, нагласувајќи дека единството на САД и Европа е клучно за траен мир.
„Стоиме со Украина, со нашите сојузници веќе речиси четири години. Ќе продолжиме да го правиме тоа за да се осигураме дека Украина е во најсилната можна позиција доколку конфликтот продолжи и во најсилната можна позиција доколку има прекин на огнот и траен мир“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„Единството меѓу Американците и Европејците по украинското прашање е клучно. Треба да работиме заедно. Мора да работиме заедно. Преку ова партнерство ќе бидеме ефикасни. Ни требаат Соединетите Американски Држави за да постигнеме мир. На Соединетите Американски Држави им требаме ние за да обезбедиме дека овој мир е робустен и трае“, истакна францускиот претседател, Емануел Макрон.
Истовремено САД ја објави новата стратегија за национална безбедност во која приоритет се решавањето на конфликтот во Украина и обновувањето на стратешката стабилност со Русија, но и улогата на Европа која како што стои во документот, мора да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана, без влијание од „непријателски сили“. И покрај потрагата по мирни решенија, жестоките судири на фронтот продолжуваат. И двете страни јавуваат за напади и соборени дронови. Украински дрон погоди една од најпрепознатливите згради во Чеченија.
Бојана Крстевски
