8-мо Септемвриска плакета за Министерството за култура
Крушево како град на културата стана културна и туристичка мека за посетителите. За 36 насто повеќе странци го посетиле во споредба со лани. Своето највисоко признание градот му го додели на Министерството за култура...

Крушево се етаблира како културно-историска ризница и посебна туристичка дестинација. 80-ина културни настани во рамките на манифестација „Крушево град на културата за 2014“ му донесоа на градот за 20 насто зголемен број туристи, а за 36 насто повеќе странски посетители.
„Манифестацијата „Крушево етно град“, манифестацијата „Десет дена крушевска република“, Светскиот куп во параглајдерство беа главните носители на раздвижувањето, на зголемувањето на бројот на туризмот. Особено сите овие настани кои ги организиравме во рамките на „Град на културата“, вели градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.
Највисокото свое признание, 8-смо сетпемвриската награда по повод 70 години од ослободувањето, градот му ја доделува на Министерството за култура. Ова е обврска да се вложува во Крушево.
„Токму тие резултати преку овие најразлични проекти што ги реализираме, мислам дека го даваат тој позитивен ефект и во делот на заштитата на културното наследство, во делот на архитектурата, во делот на таа побогата културна понуда за еден успешен локален, културен развој“, вели Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
Крушево е град-музеј. Со закон е заштитено централното староградско јадро, а се заштитува и богатата историја.
„Се завршува комплет процесот на обнова на Музејот на илинденското востание и Крушевската република, внатрешно ентериерно уредување и дополнување на трајната музејска поставка“, вели Зоран Богески, директор на Музеј Крушево.
До крајот на годинава манифестацијата Крушево град на културата ќе донесе уште 30 ина настани.
Елизабета Митреска
