Кавга на отворена сцена меѓу Груевски и Заев
Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го обвини опонентот за дволичност, велејќи дека во времето кога ја поддржувал Украина со донации на оружје, секој месец тргувал со руско железо. Заев не остана имун на оваа прозивка на социјалните мрежи. Го повика Груевски да се врати во земјава и да ја издржи затворската казна...

Кавга на отворена сцена меѓу експремиерите Груевски и Заев. Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го обвини опонентот за дволичност, велејќи дека во времето кога ја поддржувал Украина со донации на оружје, секој месец тргувал со руско железо.
„Ербап-европеецот спремен да прати туѓи деца на фронтот, на големо во стотици милиони рубљи секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска заради силните западни санкции кон Русија, и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев. Тој за лично богатење, учествува во зајакнување на финансирањето на Русија“, напиша Груевски.
Заев не остана имун на оваа прозивка на социјалните мрежи. Го повика Груевски да се врати во земјава и да ја издржи затворската казна. Во писанието на Фејсбук, Заев му порача да не пишува, како што вели – епопеи кои никој не ги чита и со кои народот си тера мајтап.
„Ти предлагам, најди си нешто да работиш. Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш оти безобразно и развратно крадеше. Туку мислам на тоа да си најдеш некое хоби, занимација, да ти „годи“ додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш? Се надевам и верувам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија, а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш“, возврати Заев.
Заев во дописот негираше дека има бизнис релации со Русија.
Анита Димитријевска – Велковска
