ДЗР

Македонија е на трето место по раст на БДП во Европа, по Ирска и Данска

05.12.2025 16:07

Економијата фаќа залет. Државниот завод за статистика во третиот квартал измери раст на БДП од 3,8 проценти. Најголема позитива има во градежништвото, информациите и комуникациите, пораснале и бруто инвестициите.

Македонија е на трето место по економски раст во Европа, веднаш зад Ирска и Данска, вели министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска откако Државниот завод за статистика измери раст на бруто-домашниот производ во третиот квартал од 3,8%.

„Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година, растот во Србија изнесува 2,0%, во Црна Гора 3,1%, во Хрватска 2,3%, во Бугарија 3,1%, во Романија 1,2%. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4%“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Главниот двигател на растот се бруто инвестициите, кои пораснале за 30,6%, како резултат на силниот раст на инвестициите во основни средства, градежништвото, информациите и комуникациите.

„Важен придонес кон растот на инвестициите имаше и силната посветеност на Владата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика, и услови за градба. Оптимизацијата на капиталните инвестиции значеше и интензивирана реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како што се коридор 8 и 10“, додаде министерката.

Дополнително, значаен двигател на бруто-инвестициите е и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции.

Градежништвото остварило раст од 21%, услугите за 2,9%, стручните и научните дејности од 6,1%, како и трговијата и транспортот од 2,6%.

Борис Грујоски