Македонија

Одбележан Светскиот ден на волонтерството, се бара нов закон

05.12.2025 16:20

Трагедијата во Кочани ја потресе целата јавност, но, во исто време ја истакна важноста од развивање на волонтерството. На светскиот ден испратена порака дека на земјава и е потребен нов закон…

Кога Кочани ги минуваше најтешките моменти од несреќата, тука беа волонтерите на Црвениот крст. Распоредени насекаде низ градот, дадоа помош и поддршка на настраданите и на семејствата. Собранието им додели благодарници. Меѓу нив и Александра, лично погодена од трагедијата.

„Секаде беа распоредени и во здравствените установи и насекаде во градот. Едноставно секаде каде се појавував беа тука. И во најтешките моменти кога ги минував беа присутни волонтерите“, рече Александра Соколоваволонтер во Црвен крст Кочани.

„Тие се движечка сила на нашата организација, тие се оние кои ги движат работите, тие се херои, тие се вистински пример во заедницата и секој еден од нас треба да ги следи нивните стапки“, додава Иле Малтеничарски – волонтер во Црвен крст Кочани.

Изутрина 20-тина пратеници и волонтери излегоа на терен.

Едни поделија хуманитарна помош, други посетија бездомници и центри за лица со посебни потреби. Дадоа поддршка и на повозрасните од третата доба.

„Секогаш кога сум во друштво на повозрасните се трудат помалку да говорам, тие повеќе да зборуваат за да добијам корисен совет од нивна страна. Тие се луѓе кои ја граделе нашата држава и од нив можеме многу да научиме. Се надевам дека ќе добијам предлог и идеја за наредниот период за дејствување“, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Во Собранието потпишана декларација за поддршка на волонтирањето.

„Денеска отпочнуваме со потпишување на парламентарната декларација за поддршка на волонтирањето, на потпишување локални декларации по општините од страна на градоначалници и советите, и секако, ќе оди една повелба граѓанска што ќе биде објавена на веб-страницата на црвен крст. Секој граѓанин ќе може во текот на 2026. Да ја потпише, во смисла на поддршка“, изјави Саит Саити – генерален секретар на Црвениот крст.

„Заедно со пратеници од сите политички партии, сите кои сакаа да учествуваат и имаа можност, бевме поделени во неколку групи и ние, како пратеници, учествувавме активно во волонтерството“, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши.

Во земјава има околу пет илјади волонтери.

Андријана Ѓурческа