Околу илјада хектари со ориз останаа неожнеани
Се утврдуваат штетите од поплавите во Општина Чешиново-Облешево. Освен куќи поплавени се и амбари со ориз. Големи се штетите и заради неожнеаните површини заради дождовите. Откуп на овогодишниот род нема, а ланскиот се откупува за стоковите резерви…

Обилните врнежи и поплавите во Кочанско поле го зададоа последниот удар на оризопроизводителите. Околу илјада хектари останаа неожнеани. Собраниот род во ноември е со голема влажност и слаб квалитет. Поплавите во Облешево направија штета и на нивите и во амбарите.
Надлежна комисија во Општина Чешиново-Облешево деновиве ќе ги утврдува пријавените штети. Оризопроизводителите очекуваат помош и од Министерството за земјоделство.
Овогодишниот род не се откупува, а производната цена е утврдена на 23 денари, четири денари пониска од лани.
Со доцнење од неколку месеци почна откупот на ориз за стоковите резерви. Државата ќе откупи 2.400 тони арпа по цена од 37 денари за килограм.
Славица Величковска
