Охрид ќе биде преполн со туристи за Нова година
Новата година нашиот најголем туристички центар, Охрид ќе ја дочека во полн сјај. Најголемиот број од хотелите ги распродадоа новогодишните аранжмани уште кон крајот на октомври и почетокот на ноември, а се очекува солидно исполнување и на индивидуалните сместувачки капацитети...

Охридските хотелско-угостителски капацитети Новата 2026-та ќе ја дочекаат со полни капацитети. За разлика од изминатата деценија кога на почетокот на декември сè уште беше присутна неизвесноста дали новогодишните аранжмани целосно ќе се распродадат, овојпат нема дилеми, Охрид ќе биде преполн со туристи.
„И покрај проблемите и предизвиците со коишто се соочува туризмот во изминатите години, сепак може со сигурност да кажеме дека имаме напредок, бидејќи еве токму новогодишните празници се продаваат многу порано за разлика од изминатите години. Уште во месец октомври и почетокот на ноември веќе капацитетите се целосно распродадени“, изјави Тоше Чочороски – генерален менаџер на хотели.
За новогодишните празнувања ќе доминираат гостите од регионот, а нема да изостанат и домашните туристи.
„Најголем број на гости ни доаѓаат од соседните земји, во моментов во нашиот хотел предничи интересот на гостите од соседна Бугарија. Постпразнично, веднаш по новогодишните празници имаме доста побарувања за сместување во нашиот хотел и тоа се традиционално групите коишто ни доаѓаат од Турција и од соседните земји“, вели Зоран Јанчески – менаџер на хотел.
За славениците во хотелите и рестораните како и секогаш ќе биде подготвена новогодишна трпеза зачинета со многу музика, а по традиција голем број охриѓани и туристи Нова година ќе ја дочекаат на градскиот плоштад со богата музичка програма.
Сашо Нелоски
