Намален интерес за претпразнични патувања
Зголемените цени на хотелски сместувања надвор од земјава, во комбинација со порастот на цените во земјава, ја намалија побарувачката за патувања во предновогодишниот период. Граѓаните најчесто бараат еднодневни или кратки викенд аранжмани, во соседните земји и европските метрополи…

Намален интерес за патување за последниот продолжен викенд оваа година. Од претпразничните аранжмани, најбарани се европските божиќни маркети.
Интересот и за овие патувања споредено со лани е намален. Меѓу најпопуларните дестинации се Будимпешта, Прага и Виена, каде божиќните базари го привлекуваат вниманието на туристите. Најбарани се еднодневните патувања во соседните земји и кратките-викенд аранжмани, со автобус по прифатливи цени, но интерес има и за потоплите и егзотични краишта.
Цените на услугите на туристичките агенции се непроменети, додека пак за хотелските сместувања, надвор од земјава се драстично зголемени.
И граѓаните кои ги анкетиравме, го потврдија слабиот интерес за претпразнични патувања. Зголемените трошоци за сместување, во комбинација со порастот на цените во земјава, ги принудуваат празниците да ги дочекаат дома. Интерес постои но реалните можности се ограничени.
Иако во следниот период се очекува да се зголеми побарувачката за патувања, сепак нема да се достигне ланската бројка, велат од туристичките агенции.
Александра Максимовска
