Свет

Напредок во разговорите за крај на војната во Украина

06.12.2025 12:50

Постигнат напредок во разговорите за крај на војната во Украина. Киев и Вашингтон со апел до Москва да покаже сериозна посветеност за долгорочен мир. Додека траат дипломатските напори, врховниот командант на украинските вооружени сили обвинува дека Русија ги користи преговорите како покритие да приграби поголем дел од украинската територија …

Украина и САД ja повикаа Русија да покаже „сериозна посветеност кон долгорочен мир“. Апелот следи по продуктивната средба во Мајами, на која како што рекоа, бил постигнат напредок во разговорите за мировниот план за ставање крај на војната. Претходно, и Путин, петчасовна средба со Виткоф и Кушнер во Кремљ ја опиша како „многу корисна“. Додека дипломатските напори се во тек, врховниот командат на вооружените сили на Украина излезе со обвинување дека Москва ги користи мировните преговори како „покритие“ за да приграби поголема територија.

„Тие продолжуваат да ги туркаат своите трупи напред за да заземат што е можно повеќе од нашата територија под закрилата на преговори. Мирот е мир без предуслови, без откажување од територија. Тоа значи прекин на огнот, а потоа преговори, без никакви услови. Само таков мир ќе биде фер. Се надеваме дека нашите европски партнери и сојузници, доколку е потребно, ќе бидат подготвени да обезбедат сè што е потребно за нашата праведна војна против агресорот“, изјави генерал Олександр Сирски, врховен командант на вооружените сили на Украина.

Зеленски на денот на вооружените сили истакна дека нивните напори играат значајна улога во зајакнувањето на позицијата на Украина во мировните преговори.

„Украинските војници направиле и продолжуваат да прават многу за Украина која научи да не се плаши и која нема да се откаже, за Украина која нема да заборави, нема да прости и која еден ден повторно ќе процвета“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Паралелно со дипломатијата, на фронтот продолжуваат руските воздушни напади. Повторно на удар критичната инфраструктура. Обединетите нации предупредија и дека по удар од дрон е оштетена заштитната купола на Чернобил, која повеќе не обезбедува целосна изолација од радијација.

Катерина Бојаџиева