МИГРАНТСКИ КАМП ИЛИ МЕДИУМСКА МАНИПУЛАЦИЈА?

Реакции по написите за мигрантски кампови во земјава

06.12.2025 12:35

Бурни реакции во јавноста по написите на британските медиуми за префрлање на баратели на азил од Велика Британија во Македонија. Владата демантира дека води преговори со Лондон за прифаќање мигранти, социјалдемократите обвинуваат за тајни договори со кои држава ќе се претвори во отпадна периферија на Европа. Се огласи и британската амбасада во земјава. Оттаму велат – двете земји соработуваат во борбата против нелегалната миграција …

„Македонија и Косово се двете балкански земји со кои Велика Британија преговара за воспоставување центри за враќање на одбиените баратели на азил“. Ваквите написи од британските медиуми повторно ја разгореа дебатата во македонската јавност за тоа, што предвидува Договорот за стратешко партнерство со Лондон. Според медиумските текстови, Британија би плаќала за секој мигрант што земјава ќе го прифати. Сепак, по жестоките обвинувања од опозицијата, Владата категорично ги отфрли таквите написи и тврдења, оценувајќи дека се за внатрешно-политичка употреба во Британија.

„Ова е напис за внатрешно-политичка употреба во Британија. Единствената вистина е онаа што британскиот амбасадор Метју Лосон јавно ја кажа во мај – Македонија нема да прифаќа мигранти“, соопштуваат од Владата.

СДСМ обвини дека власта ја претвора Македонија во мигрантски камп.

„Лажниот патриот Мицкоски, кој се колнеше дека „шанса нема“ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Додека на големо го крадат народот преку милионски тендери на нивни фирми, ова е ново предавство на Мицкоски и неговата власт“, соопштија од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ повика да се шири паника врз основа на новинарски текстови.

„Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Британската амбасада посочи на Договорот за стратешко партнерство, без да навлегува во медиумските написи за наводниот договор за префрлање мигранти во земјава.

„Двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто со нашиот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот раст“, посочи Британската амбасада.

Пролетва, британскиот амбасадор Лосон посочи дека не станува збор за прифаќање мигранти, туку за полициска соработка, борба против криминални мрежи и споделување разузнавачки податоци.

Борис Грујоски