„Бомби“ на опозицијата

СДСМ обвини за нови спорни тендери, Томовски бара извинување за клеветите и измислиците

06.12.2025 13:44

Социјалдемократите како што најавија, продолжуваат со објавувањето на нови „бомби“. Тврдат дека државни институции и општини под раководство на ВМРО-ДПМНЕ доделиле вкупно 161 тендер во вредност од 5 милиони 360 илјади евра на фирма поврзана со актуелниот директор на СОЗР, Ивица Томовски. Томовски, пак, бара СДСМ да се извини за клеветите и измислиците.

Новата, како што ја нарекуваат „бомба“ на СДСМ е за првиот човек на Службата за општи и заеднички работи. Антикорупцискиот тим на партијата обвини дека семејна фирма на Ивица Томовски добила 161 тендер од државните институции и општини во вредност од 5,3 милиони евра.

„Само со доаѓањето на ДПМНЕ на власт, фирмата ја зголемила својата дејност за 306%, а само годинава земала нови 10 тендери од речиси половина милион евра. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат“, рече Александар Димитријевиќ од СДСМ.

И Томовски и компанијата ги отфрлија обвинувања. Директорот на СОЗР побара извинување, во спротивно ќе поднесе тужба за клевета.

„Посочената компанија не е моја, ниту имам каков било удел во неа. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам“, рече Томовски

Компанијата „Сити аутсорсинг“ рече дека Томовски нема никаква врска со неа и оти СДСМ води политичка пресметка преку нејзин грб.

„Без да навлегуваме во политички пресметки или дневно-политички наративи, категорично ги демантираме сите изнесени наводи со кои се поврзува споменато лице со нашата компанија. Истото лице нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со Сити аутсорсинг“, велат од компанијата.

СДСМ тврди дека компанијата ја основал таткото на Томовски, а управител бил негов роднина.

Кристина Талеска-Големтеова