Ефектите од „Безбеден град“ видливи, и Тошковски доби опомена
Скопјани се навикнуваат на системот „Безбеден град“. Возат внимателно, но бараат и подобра сигнализација. Опомена и за министерот за внатрешни. Тошковски вели, ова е доказ дека нема селективност и исклучоци…

Во првите неколку дена од пробниот период на „Безбеден град“, ефектите полека стануваат видливи. Од МВР велат дека, иако е рано за статистика, сепак, првичните согледувања упатуваат дека бројот на прекршоци е во опаѓање. Граѓаните повеќе внимаваат, иако периодов добиваат само опомени, а не и казни. Сепак, бараат подобра сигнализација за да можат навреме да ја приспособат брзината, која во град е ограничена на 50 километри на час.
Опомена добил и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски зашто возел 1 километар на час над дозволената брзина. За него, ова е потврда дека нема селективност.
Законските измени за „Безбеден град“ се во собраниска процедура, но, неизвесно е дали ќе се донесат до Нова година, кога се очекува да почне и казнувањето, или, пробниот период ќе продолжи уште некое време.
Се предвидува за една година системот „Безбеден град“ да функционира на ниво на целата држава. Останува да видиме дали со овој систем ќе се подигне сообраќајната култура.
Ана Јосифоска
