Строги затворски казни за борба против исламскиот радикализам

04.09.2014 17:29

Казните од најмалку четири години затвор за оние кои ќе партиципираат во странските паравојски се добра можност да се одвратат потенцијалните војници да се приклучат на формациите од Блискиот исток, но, исто така и да се казнат оние кои во име на верата прават тероризам, сметаат аналитичарите.

Строгите затворски казни од најмалку четири години за оние кои ќе партиципираат во странските паравојски се добра можност да се одвратат потенцијалните војници да се приклучат на формациите од Блискиот исток, но, исто така и да се казнат оние кои во име на верата прават тероризам, сметаат аналитичарите. Единствено треба законски да се регулира, како обвинителството ќе докаже дека биле дел од паравоениот состав.

„Овој потег го направија и другите земји во регионот се со цел да се запре едно помасовно одење во тие паравоени формации, кои гледаме какви се злосторства прават во име на верата, кои сигурно кога ќе се врата во матичната земја нема да седат со скрстени раце и да не прават нешто во однос на својата идеологија која ја застапуваат“, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар и аналитичар.

ИВЗ веќе обзнани дека нема контрола врз Тутунсуз и Јаја Пашината џамија во Скопје. Па оттаму, велат соговорниците џихадистите се финансираат со пари кои минуваат низ овие храмови. Кешот се обезбедува на два начина. Од рамазанската милостина подарена за сиромашните верници, но и од донациите за реконструкција на џамиите кои невладини организации од Саудиска Арабија и Кувајт ги користат како параван за финансирање на екстремизмот. Парите завршуваат кај луѓето под чија контрола се џамиите, а со нив се сервисираат сите трошоци.

Парите кои ги добиваат платениците не се големи, вели аналитичарот Реџепи. Мотивот за приклучување кон овие војски, според него има верска природа. Единствено треба законски да се регулира како обвинителството ќе докаже дека биле дел од паравоениот состав.

„Како ќе се докаже дека некои луѓе отишле поради фамилијарни причини или пак поради хуманитарни причини, како дел од хуманитарни конвои и кои не се задржале повеќе отколку што треба или пак останале поради некоја потреба таму. Имаме недостаток во законот којшто ќе го регулира тој дел“, вели Јасмин Реџепи, аналитичар.

Албанското обвинителство неодамна заплени пари и на финансиери од Македонија кои покривале трошоци за борци во Сирија. Ако им се верува на разузнавачките извештаи, досега од Балканот во оваа земја заминале околу 400 војници. На боиштата загинале 28 Албанци од кои деветмина се со потекло од Македонија.

Анита Димитријевска