Македонската книжевност за деца во фокусот на Филозофскиот факултет во Љубљана
Настанот го поттикна интересот за идни словенечки истражувања, преводи и публикации на македонски детски книги. Притоа беше најавено и продолжување на соработката меѓу словенечките институции и македонските автори.

На Филозофскиот факултет во Љубљана расте интересот за македонската книжевност за деца, што оваа недела беше во центарот на вниманието на Одделот за славистика. По неодамнешната одбрана на докторската дисертација на Бисерка Бобнар, вчера првпат се одржаа гостински предавања целосно посветени на развојот на македонската литература за деца од XIX век до денес.
Предавачи беа Иван Антоновски од Филолошкиот факултет во Скопје и авторката Ана Голејшка-Џикова. Тие пред бројна публика од студенти, професори и истражувачи го претставија историскиот развој на детската литература, нејзините клучни автори и современите тенденции. Голејшка-Џикова особено се осврна на новиот бран автори и дела по 2010 година, како и на влијанието на ковид-пандемијата врз тематиката и поетиката во литературата за деца.
Настанот го поттикна интересот за идни словенечки истражувања, преводи и публикации на македонски детски книги. Притоа беше најавено и продолжување на соработката меѓу словенечките институции и македонските автори.
Во рамките на програмата, во библиотеката „Отон Жупанчич“ беше одржана поетска вечер посветена на Голејшка-Џикова, а активностите продолжуваат денес во Македонскиот културен центар во Крањ со манифестацијата „Прешерново оро“, посветена и на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик.
