Поправи, подари, намали ѓубре
Технички апарати, елементи од домаќинството, играчки за деца. Битолската околина брои над дваесет диви депонии. Со цел намалување на отпадот, но и промоција на одржливи навики во секојдневието, јавното претпријатие Комуналец-Битола го најави првиот Центар за повторна употреба во земјава …

Технички уреди, детски играчки, непотребни алишта. Ова е само дел од она што секојдневно завршува на местата каде што ретко се минува или пак во шумските предели. Често се чуваат и во домашни подруми или се фрлаат во погрешни контејнери.
Во околината на Битола има дваесетина диви депонии. Со цел да се крене свесноста за совесно и правилно делување со непотребните домашни елементи, јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола го почна пионерскиот проект за правилно менаџирање со истите.
За целите на проектот „Ар ју реди“ акции за намалување, повторна употреба и рециклирање, јавното комунално претпријатие го подготвува првиот Центар за повторна употреба во Северна Македонија.
Поправи, подари, намали ѓубре, биди радост во нечиј нов дом. Примерот и соработката се со Република Грција. Освен намалување отпад, се очекува од граѓаните и стекнување на нови, одржливи навики во секојдневниот живот.
Ружица Ѓоршевска
