УЈП: Над 2.500 глоби за неиздавање фискални сметки, 113 фирми со забрана за работа
Од УЈП истакнуваат дека неевидентирањето готовински промет е широко распространета појава и може да укажува на плаќања меѓу фирми во готовина и исплата плати „во плик“, што е спротивно на законот и дел од сивата економија.

Управата за јавни приходи соопшти дека до крајот на ноември спровела околу 4.000 контроли, при што кај секоја четврта биле утврдени неправилности во делот на неиздавање фискални сметки. Изречени се повеќе од 2.500 глоби, а 113 даночни обврзници добиле забрана за вршење дејност.
Од УЈП истакнуваат дека неевидентирањето готовински промет е широко распространета појава и може да укажува на плаќања меѓу фирми во готовина и исплата плати „во плик“, што е спротивно на законот и дел од сивата економија. На дел од казнетите обврзници им се испратени персонализирани пораки со повик да ги исправат даночните пријави и да го пријават прометот, а доколку не постапат – ќе следуваат дополнителни контроли.
Во пресрет на новогодишните празници, УЈП најавува засилени контроли во ресторани, кафе-барови, дискотеки и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
До 20 ноември спроведени се и 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, каде биле утврдени низа неправилности – фискални апарати без налепници, оштетени пломби, несоодветна адреса, неуплатен дневен промет и неводење дневни финансиски книги.
Дополнително, анализите од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите покажале ниски или идентични дневни промети, несогласувања меѓу капацитетот и пријавениот промет, како и разлики меѓу фискалните каси и ДДВ-пријавите.
