Жестоки напади во Украина додека траат дипломатските напори за мировни преговори
Додека траат дипломатските напори за мировните преговори, Русија жестоко напаѓа на украинска територија. Во меѓувреме, Москва ја поздрави нова стратегија на САД со која Вашингтон повеќе не ја смета Русија за закана …

Русија ја поздрави новата национална безбедносна стратегија на САД како позитивен чекор за билатералните односи. Стратегијата нагласува дека завршувањето на непријателствата е неопходно за стабилизирање на европските економии, спречување на ненамерна ескалација или проширување на војната и повикува на стратешка стабилност со Москва.
„Ревизијата на администрацијата на Трамп, која повеќе не ја наведува Русија како директна закана, е позитивен чекор. Москва внимателно ќе ја анализира ажурираната стратегија, која значително се разликува од претходните американски пристапи кон Русија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Паралелно со дипломатијата, Русија ги продолжи воздушните напади врз Украина во текот на ноќта, неколку часа откако Зеленски изјави дека имал многу конструктивен телефонски разговор со преговарачкиот тим на Трамп по тридневните разговори на Флорида. Централниот украински град Кременчук нападнат со десетици дронови и хиперсонични проектили.
„Се разбудивме од звукот на беспилотните летала што летаа над студентскиот дом. По ударот снема струја и греење, а потоа и водата. Се симнавме долу на првиот кат и останавме до 3 часот наутро, а потоа се вративме горе. Но, експлозиите не заврши, продолжија до 5 часот наутро.“
„Стоевме во ходник, беше целосен мрак. Постари жени не можеа да излезат, па сите останавме во ходник. На почетокот експлозиите беа потивки, потоа сè погласни и погласни. Замислете каква паника беше тоа.“
Во меѓувреме, Русија соопшти дека соборила 77 украински дронови на неколку локации во текот на изминатата ноќ. Дел од нив биле уништени во регионот Саратов, а останатите во Ростовската област.
Катерина Бојаџиева
