Украина

Зеленски на средба со Мерц, Макрон и Стармер во Лондон

08.12.2025 08:44

Во услови на застој во преговорите за завршување на војната во Украина, Зеленски на разговори со европските партнери во Лондон - британскиот премиер Стармер, францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц. Главни теми – безбедноста на Украина...

Во услови на застој во преговорите за завршување на војната во Украина, Зеленски на разговори со европските партнери во Лондон-британскиот премиер Стармер, францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц. Главни теми – безбедноста на Украина, нејзиното самоопределување и контролата врз Донбас. Зеленски бара заеднички позиции и посилен колективен притисок врз Русија за постигнување праведен мир.

„Украина заслужува достоинствен мир, а дали ќе има мир зависи од Русија, од нашиот колективен притисок врз Русија и од точните преговарачки позиции на САД, Европа и сите наши други партнери. Русија мора да биде одговорна за она што го прави – за секојдневните напади, за постојаниот терор врз нашиот народ и генерално за оваа војна“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Американскиот пратеник Келог тврди дека мировниот договор е близу, но сè зависи од решавањето за Донбас и нуклеарната централа Запорожје. Трамп изјави дека преговорите продолжуваат, но е разочаран што Зеленски сè уште не го прочитал најновиот мировен предлог.

„Го зборувавме предлогот со претседателот Путин и со украинските лидери, вклучувајќи го и претседателот Зеленски. Морам да кажам дека сум малку разочаран што Зеленски сè уште не го прочитал. Неговите луѓе го сакаат, но тој не го прочитал. Русија е сложна со предлогот, но не сум сигурен дали е и Зеленски“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во меѓувреме, Русија продолжи со воздушни напади врз Украина, додека европските лидери ја изразуваат целосната солидарност со Киев и ја поддржуваат соработката со САД за мир.