Блиски Исток

Хамас подготвен да разговара за замрзнување или складирање на оружјето, Нетанјаху скептичен

08.12.2025 19:24

Хамас соопшти дека е подготвен да разговара за замрзнување или складирање на оружјето како дел од договорот за прекин на огнот со Израел, во пресрет на втората фаза од договорот. Нетанјаху останува скептичен дека меѓународните сили ќе го разоружат Хамас...

Хамас соопшти дека е подготвен да разговара за замрзнување или складирање на оружјето како дел од договорот за прекин на огнот со Израел, во пресрет на втората фаза од договорот која предвидува меѓународни безбедносни сили, разоружување на милитантите, технократска влада и можно израелско повлекување.

„Отворени сме за сеопфатен пристап за долгорочен прекин на огнот или примирје што мора да доведе до палестинска држава. Но, и да разговараме за идејата за складирање или замрзнување на арсеналот врз основа на целосни безбедносни аранжмани што ќе ја одржат способноста на Палестинците да се одбранат во случај да бидат нападнати“, изјави Басем Наим, член на политичкото биро на Хамас.

Нетанјаху останува скептичен дека меѓународните сили ќе го разоружат Хамас, но вели дека тоа ќе се спроведе „на потешкиот или полесниот начин“, нагласувајќи ја важноста на дерадикализацијата на Газа. На крајот од месецот се очекува да се сретне со Трамп во Белата куќа.

„Очекуваме да преминеме во втората фаза, која е потешка или подеднакво тешка, а тоа е да се постигне разоружување на Хамас и демилитаризација на Газа-нешто на коешто се обврзаа. Ќе имаме важни разговори со Трамп на крајот од месецот за тоа како да се осигураме дека оваа втора фаза ќе биде постигната“, истакна израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Хамас да му предаде на Израел уште едно тело на заложник, со што ќе се заокружи првата фаза од договорот за прекин на огнот.