Струга

Злоупотреба на вештачката интелигенција во образованието

08.12.2025 17:40

Образованието се соочува со сериозни предизвици, наместо учениците апликациите денес пишуваат тестови, семинарски и раскази. Факултетот за роботика, предупредува технологијата го менува светот, неопходно е учениците да научат како етички да ја користат.

Злоупотребата на вештачката интелигенција станува сè поголем предизвик. Додека факултетите создаваат нови генерации инженери, училиштата се соочуваат со лошите страни. Апликациите им решаваат тестови, им пишуваат семинарски и писмени работи, па дури им ги „раскажуваат“ лектирите, оставајќи ги наставниците без можност за реална проверка на знаењето.

Експертите предупредуваат, вештачката интелигенција може да биде моќна алатка, но само ако правилно се користи.

„Вештачката интелигенција е револуција што веќе се случува – тоа не е процес што можеме да го стопираме. Немаме избор дали сакаме или не сакаме да бидеме дел од тоа. Вистинскиот момент е наставниците и просветните работници да ги научат децата како етички да ја користат оваа технологија“, истакна Анис Сефиданис – професор по роботика.

Од Факултетот за роботика и машинска интелигенција, велат мора да се воспостави рамнотежа меѓу придобивките и ризиците.

„Забележуваме голем интерес за овој факултет, како единствен во Македонија и пошироко на Балканот. Понатаму, имаме зголемена побарувачка за факултетот за комуникациски мрежи и безбедност. Покрај вештачката интелигенција и роботиката, голем предизвик денес се сајбер-безбедноста, компјутерските измами, лажните профили и слично“, вели Атанас Христов проректор за настава на УИНТ Св. Апостол Павле.

Експертите велат, образованието мора да биде првата линија каде што младите ќе научат етички, безбедно и одговорно да пристапат кон новата дигитална ера.

Соња Рилковска