Тајланд-Камбоџа

Нарушено кревкото примирје меѓу Тајланд и Камбоџа

08.12.2025 11:41

Додека светот живее во надеж за мир во Украина, се распламти старо – нова војна. Тајланд ја нападна Камбоџа. По обновените насилства, и двете земји меѓусебно се обвинуваат дека го прекршиле мировниот договор, постигнат со помош на Малезија и американскиот претседател Трамп. Има загинати и повредени, населението во паника ги напушта пограничните региони, каде сега оружјето го има главниот збор...

Нарушено кревкото примирје меѓу Тајланд и Камбоџа. Облаци чад повторно се издигнаа над спорната граница додека двете земји меѓусебно се обвинуваат за првичен напад. Банкок тврди-започнатите воздушни удари се одговор на убиството на нејзин војник и ранувањето на четворица други, обвинувајќи ја Камбоџа за мобилизирање на тешко оружје и прегрупирање единици.

„Владата потврдува дека Тајланд ќе ја задржи највисоката посветеност на заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на нацијата, во согласност со меѓународното право и правото на легитимна самоодбрана“, изјави Анутин Чарнвиракул, премиер на Тајланд.

„Камбоџанската страна отвори оган во многу области, Тајланд возврати во согласност со нашата стратегија за одговор фокусирајќи се на воените цели. Ова ни овозможи да го ограничиме обемот и степенот на штетата за да ги запреме нападите од страна на Камбоџа, кои предизвикаа повреди и смрт кај тајландскиот воен персонал. Најважно од сè, тајландската страна итно требаше да го пресретне камбоџанското поддржувачко огнено оружје кое претставуваше закана и за нашиот воен персонал и за нашите граѓани“, изјави генерал-мајор Винтаи Суваре, портпарол на тајландската армија.

Властите во Пном Пен соопштија дека има повредени цивили, го обвинија Тајланд за ескалацијата, тврдејќи дека не возвратиле на нападите. Го повикаа Банкок да ги прекине непријателствата, а меѓународната заедница остро да реагира.

„Камбоџанските сили сè уште не одговорија, придржувајќи се строго кон почитувањето и спроведувањето на прекинот на огнот и Заедничката изјава за мировниот договор меѓу двете страни. Остро го осудуваме овој нехуман и брутален чин. Ја повикуваме меѓународната заедница остро да го осуди кршењето на Заедничката декларација за мировниот договор меѓу Камбоџа и Тајланд и повторените нелегални дејствија на Тајланд, барајќи тој да биде целосно одговорен за овие флагрантни прекршувања“, изјави Мали Сочеата, портпарол на Министерството за одбрана на Камбоџа.

Во сенка на најновите судири – невините цивили. Наставата во Камбоџа прекината, децата од училиштата евакуирани. Жителите се засолнуваат и ја напуштаат пограничната област.

„Одам во куќата на моите роднини. Утрово слушнав многу истрели и се исплашив. Пукаа истовремено на многу локации“, вели еден жител.

„Сакам да заврши. Ние, селаните овде, сме подготвени. Не сакам ова да се одолговлекува“, додава друга.

Безбедноста на децата мора да биде приоритет-велат од УНИЦЕФ. Конфликтот ескалира само шест недели по договорот за примирје посредуван од Малезија и американскиот претседател Трамп. Посредниците длабоко загрижени повикаа на максимална воздржаност од двете страни.

„Обновените борби ризикуваат да ја разоткријат внимателната работа што е вложена во стабилизирањето на односите меѓу двата соседа. Нашиот регион не може да си дозволи да гледа како долготрајните спорови се претвораат во циклуси на конфронтација“-напиша малезискиот премиер Анвар Ибрахим на социјалните мрежи.

Прекинот на огнот дојде по долгогодишните тензии меѓу двата соседа и ескалирачките петдневни борби во јули во кои загинаа десетици војници и цивили, а околу 300 илјади беа принудени да ги напуштат домовите. Ситуацијата се влоши минатиот месец, откако тајландски војници беа повредени од мини во пограничниот регион и покрај договорот за заедничко расчистување на експлозивите.

Бојана Крстевски