Македонија

СДСМ: ДКСК да отвори случај за Томовски

08.12.2025 12:33

СДСМ бара Антикорупциската комисија да отвори случај за првиот човек на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски. Партијата го обвини за корупција и судир на интереси. ВМРО-ДПМНЕ одговара: опозицијата сака да креира скандал без ниту еден доказ...

Безуспешни се обидите на Томовски да докаже дека нема поврзаност со семејната фирма. Нервозата е голема затоа што се фатени живи, велат од СДСМ, од каде обелоденија, како што нагласи портпаролката Кузеска, каде завршувале парите. Според антикорупцискиот тим на СДСМ, Томовски е еден од најголемите донатори на ВМРО-ДПМНЕ. Според нивната документација, директорот на владината служба за општи и заеднички работи во 2021 донирал 8 илјади евра на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија велат дека и зетот на Томовски е донатор на владејачката партија.

„Се е јасно. Семејна фирма, семејни донации. Вака парите завршуваат во Белата палата. ДКСК и ЈО да не молчат, туку да покренат истрага за конфликт на интерес и корупција во врвот на Владата на Мицкоски. Крадењето на народот мора да престане, сите криминалци да одговараат. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги открива криминалите на власта на Мицкоски. Работата не е завршена“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори и меѓу нив е и Томовски и тука нема ништо незаконито. Криминал нема, СДСМ само спинува, за да ги скрие своите криминали, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Лага е дека Томовски има фирма и приходи од споменатата компанија, дека неговиот телефонски број е главниот во фирмата, напротив таа има други службени броеви, изјави партискиот гласноговорник Манасиевски.

И директорот на СОЗР тврди дека нема директна врска со споменатата компанија, ниту пак дека има приходи. Томовски посочува дека неправедно и без докази е обвинет. Најави тужба за СДСМ.

Милчо Велески