Чествување

Охрид го чествува својот заштитник Свети Климент Охридски

08.12.2025 12:52

Охрид денеска го чествува својот патрон Свети Климент Охридски. Тој не бил само светец и просветител, туку и заштитник на градот за што раскажуваат бројните преданија. Секогаш кога над градот ќе се надвиснала некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал Охрид од страдања...

Илјадници верници од Охрид и земјава уште од раните утрински часови се упатија на светиот рид на Плаошник за да се поклонат пред моштите на Свети Климент Охридски Чудотворец.

По повод големиот празник во возобновениот Светиклиментов храм беше отслужена Света архијерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј во сослужение на охридското свештенство.

„Најголемиот светец за охриѓани дефинитивно е Свети Климент Охридски. Не само заради неговото делување како просветител, туку и индиректно како светител, сето она што го создал коешто постоело како охридски, би рекол како најстар универзитет во светот којшто почнал токму тука, го продолжил делото на светите Кирил и Методиј. Така да и неговата локација секако дека била тука, имаме црква посветена на Свети Климент Охридски и затоа е патрон на градот“, рече охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.

Свети Климент отсекогаш бил инспирација за младите генерации охриѓани и Македонци, бидејќи покрај тоа што бил еден од првите средновековни словенски светци, просветител, научник и писател, неговото име се поврзува со создавањето на глаголското и кириличното писмо, заедно со неговите учители Светите Кирил и Методиј.

„Предизвик за секој охриѓанец е да твори и пишува за Свети Климент и за нашиот град. Јас како ученик во училиштето што го носи неговото име Свети Климент Охридски уште од мала учествувам во чествувањата за патронот и тоа ме поттикна да напишам песна за нашиот град и Свети Климент“, изјави Ана Спасеска – добитничка на награда за поетска творба.

„Ги мотивирам и ги поттикнувам сите млади да го продолжат делото на Свети Климент и да продолжат да творат за него како што творев јас“, Иво Георгиески – добитник на награда за поетска творба.

Познатиот охридски новинар, публицист и хроничар, Владимир Ангеличин Жура, постхумно е добитник на највисоката општинска награда „Свети Климент Охридски-патрон на градот Охрид“, која ќе им биде врачена на членови на неговото семејство на свечената академија којашто ќе се одржи вечерва во црквата Света Софија.

 

Сашо Нелоски