Македонија

Државниот врв со честитки до граѓаните по повод празникот

08.12.2025 12:03

Претседателката Сиљановска-Давкова повика да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење. Собранискиот спикер, Гаши, побара поголема посветеност кон образованието и науката, толеранција и меѓусебно почитување...

Државниот врв со честитки до граѓаните по повод празникот. Претседателката Сиљановска-Давкова повика да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење.

„Пред нас е голема задача, одново да ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро“, вели претседателката.

„Свети Климент со својот пример ни покажува дека преку образование се гради и зајакнува иднината на народот. Овој ден не потсетува на важноста да го зачуваме и унапредуваме она што ни е оставено како највредно наследство јазикот и писменоста. Да продолжиме да градиме силно општество преку вложување во младите, во знаењето и во културното богатство што не обединува“, вели премиерот Мицкоски во честитката.

Собранискиот спикер, Гаши, побара поголема посветеност кон образованието и науката, толеранција и меѓусебно почитување.

„Овој ден не потсетува дека вложувањето во образованието, културата и знаењето е најсилниот темел врз кој се гради стабилна, праведна и демократска држава. Во тие вредности препознаваме заедничка цел силно, обединето и перспективно општество за сите граѓани“, вели Гаши.