Даночна евазија

Државата да ја засили борбата против сивата економија, советуваат даночните експерти

08.12.2025 18:23

Државата мора да ја засили борбата против сивата економија. Ова е советот од даночните експерти по информациите од УЈП, дека секоја четврта контрола покажала оти не се издаваат фискални сметки. И инспекторите треба да бидат побудни и граѓаните посвесни дека плаќањето данок е обврска…

„Ние водиме најмала грижа за данокот, спротивно на европското даночно правило според кое, данокот мора да се плати“ – вели даночниот експерт, Славко Лазовски. Тој, причината за ова ја гледа во менталитетот и колективната траума создадена низ историјата, кога нашиот народ не верувал дека парите ќе бидат потрошени наменски. Во современи услови, вели Лазовски, данокот е иднината и ако не се плаќа се нанесува сериозен удар врз буџетот. Тој очекува час поскоро да се воведе најавената електронска фактура од УЈП, која би требало да го намали неплаќањето.

За да се дејствува превентивно наместо да се плаќаат големи трошоци за наплата е неопходен систем на размена на информации – вели Лазовски. Стабилни јавни финансии се можни само со намалување на сивата економија.

Во следниот период кога се очекува зголемен промет, УЈП најави зачестени контроли во угостителските објекти, продавниците, сервисите и другите дејности за продажба и услуги. Засега констатирале неиздавање фискални при секој четврти надзор. Даночниците апелираат граѓаните да ги пријавуваат неплаќачите и да учествуваат во борбата со сивата економија.

Александра Велинова