Македонија

Одбележан Денот на Свети Климент Охридски - извор на нашата духовност и образование

08.12.2025 17:52

Македонија го чествува Свети Климент Охридски, најистакнатиот ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, од која излегоа над 3.500 ученици, патрон на Македонската православна црква. На неговиот ден, потсетување на мисијата која одѕвонува до ден денес. Во храмовите литургии, во Собранието доделена државната награда...

Одбележан денот на Свети Климент Охридски, македонски светец, духовник, учител, сесловенски просветител и книжевник.

Македонија го слави Свети Климент Охридски, кој заедно со Свети Наум Охридски, биле најталентираните и најнадарени ученици на светите македонски браќа од Солун, Свети Кирил и Методиј.

По нивната смрт, тие нивната мисија ја продолжуваат во Охрид, кој станува центар на словенската писменост и култура и местото каде истата се заштитува, негува, унапредува и распространува. Во Охрид, Свети Климент го основа и Светиклиментовиот универзитет, Охридската книжевна школа, која претставува првиот словенски и балкански универзитет, во чие 30 годишно постоење, со образование се стекнале повеќе од 3.500 студенти.

Пред споменикот на светецот, пред Националната и универзитетска библиотека во Скопје, која во негова чест го носи името Свети Климент Охридски, венци со цвеќе положија претставниците на државниот врв, Собранието, локалната самоуправа, политичките партии.

Историската важност на Свети Климент Охридски е огромна, не само за Македонија, туку и за целиот словенски свет, кој беше описменет, благодарение на Светиклиментовиот универзитет, велат од Богословскиот факултет.

Во македонското Собрание доделени и наградите Свети Климент Охридски. Годинава, добитници се академик Витомир Митевски, композиторот Живоин Глишиќ и ликовниот уметник Беди Ибрахим.

Одбележувањето започна вчеравечер со свечена академија, од која македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова, упати порака за сплотување кон една повисока и заедничка општествена цел.

Марија Котовска