Украина

Зеленски во Лондон на разговори со Стармер, Макрон и Мерц за мировниот план на САД

08.12.2025 15:57

Зеленски во Лондон на разговори со европските партнери – британскиот премиер Стармер, францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц. Главни теми – безбедноста на Украина, нејзиното самоопределување и контролата врз Донбас. Зеленски бара заеднички позиции и посилен колективен притисок врз Русија. Трамп разочаран што украинскиот претседател не го прочитал најновиот мировен предлог...

Како на филмска лента се нижат средбите на светската шатл-дипломатија поврзани со решението за војната во Украина. Даунинг 10 е најновиот домаќин на англоевропската лидерска тројка, Стармер, Макрон и Мерц со украинскиот претседател Зеленски. Британскиот премиер е оптимист околу докрајчувањето на четиригодишната руска инвазија по неделната средба на украинската и американската делегација во Флорида.

„Судбината на Украина е судбина на Европа. Затоа сме овде да видиме што може да направиме. Јас се сомневам во некои од деталите на американскиот документ, ќе зборуваме за тоа“, изјави германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

„Сега сме во критична фаза. Ќе зборуваме за планот, но мора да има справедливо примирје и долготраен мир. Имате поддршка и во конфликтот и во преговорите‘, порача Кеир Стармер-премиер на Обединетото Кралство.

„Сите сме за мир и за поддршка на Украина, но сакаме одржлив и сеопфатен мир. Многу работи зависат од нас. По последните санкции, руската економија навистина страда и сега е времето да се дојде до договор меѓу европскиот и украинскиот со американскиот мировен план во интерес на украинската безбедност“, истакна францускиот претседател, Емануел Макрон.

„Ви благодарам пријатели. Ова е чувствително прашање и затоа е најважно единството меѓу Европа и Украина. Не можеме да се справиме без вас. И сега ќе мора да дојдеме до важни одлуки‘, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Се исцртуваат преговарачките ставови на клучните актери за постигнување мир во Украина. Трамп накусо ја сумираше средбата во Мајами меѓу Виткоф и Умеров, американскиот и украинскиот преговарач – вели на Зеленски ќе му допадне предлогот. Но, шефот на Белата куќа е разочаран бидејќи Зеленски сè уште не го прочитал планот.

„Малку сум разочаран што Зеленски сè уште го нема прочитано планот, така беше пред неколку часа. За Русија е во ред, иако Русија повеќе би сакала да ја освои целата земја. Не сум сигурен дека за Зеленски е во ред. Тој не го прочитал планот, иако за неговите луѓе е добар“, изјави Доналд Трамп.

Дел од американскиот предлог е и повторното воспоставување на дипломатските односи со Москва, новата стратегија е поздравен од Кремљ.

„Со елиминирање на несогласувањата кои постојат во билатералните односи, се отвора простор за нивно повторно воспоставување наместо да ја продлабочуваме кризата“, посочи Дмитри Песков-портпарол на рускиот претседател Путин.

И додека наголемо се зборува за можниот мир, војната со истото темпо продолжува на боиштата. На линијата на фронтот руските ракети и дронови ги погодија регионите на Дњепропетровск и Суми, има загинати и повредени како и во Запорожје.

Зоран Богатинов