НАТО крои нова стратегија, Македонија подготвена да биде полноправна членка

05.09.2014 10:36

Сојузниците на НАТО договорија пакет мерки за помош на Украина. Македонија и на овој самит беше земја која ги исполни критериумите за членство, но приемот ќе чека до решение на проблемот со Грција...

Сеопфатен и прилагоден пакет мерки за помош на Украина договорија сојузниците во НАТО. Алијансата ќе помога за рехабилитација на повредените војници, одбрана од сајбер напади, логистика, комуникации. Пакет за соработка вреден 15 милиони евра. Се проценува дека со ова ќе и се помогне на земјата во криза да ја зајакне својата безбедност. Истовремено беа испратени пораки до Москва.

„Русија мора да престане со агресивните акции против Украина, и да ги повлече илјадниците војници од Украина и пограничните региони и да престане да ги поддржува сепаратистите. Ја повикуваме Русија да го смени својот став кон нелигитимно прогласената анексија на Крим, што сојузниците не ја признаваат“, изјави генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.

„Од самиот почеток Алијансата стоеше до Украина и и пружи целосна политичка поддршка. Ова беше потвдено и денес од шефовите- членки на НАТО. Ова навистина многу го цениме и благодарни сме на НАТО за помошта која ни ја даде во изминативе месеци“, рече претседателот на Украина, Петро Порошенко.

Македонија и на овој самит беше земја која ги исполни критериумите за членство, но приемот ќе чека до решение на проблемот со Грција. Шефот на дипломатијата, Никола Попоски, кој учествуваше на две сесии, го истакна придонесот на земјава во мисиите на НАТО и укажал дека проширувањето треба да се прави со почитување на меѓунардното право.

„На голем дел од земјите- членки им е прилично непријатно, тоа што земја која е кандидат придонесува повеќе од некои земји кои се во клубот, а сеуште не може да ги ужива благодетите на членството во НАТО. Тоа беа пораки кои мислам дека на сите им беа јасни, а главната се однесуваше на тоа дека во овој момент придонесот на Македонија е многу позначаен од некој кој ја ужива таа привилегија“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

На доаѓањето, беше најавен како Министер за надворешни работи на Македонија. Уставното има го употребувале и други говорници. Ова за Попоски не е случајно.

„Сметам дека е и определена порака. Доколку не може НАТО внатре во своите механизми да ги надмине блокадите, сепак земјите членки покажуваат дека меѓународното право сепак значи за голем дел од нив“, потенцира Попоски.

На сесијата за Авганистан, лидерите усвоија три заклучоци кои се однесуваат на натамошниот ангажман на Алијансата во оваа земја. Тренинг за војниците, финансиска поддршка и договор за трајно партнерство. Освен ова се дискутираше и за растечкиот исламски радикализам за кој британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека е закана за неговата земја. Најави стратегија, која како што изјави, нема да биде едноставен директен воен одговор, туку тежок долгорочен и интелигентен пристап.

Самитот завршува попладне, вообичаено со заклучоци. Што се однесува за Македонија, ќе се копираат истите, од претходниот собир во Чикаго.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Кардиф за МРТ