Украина

Зеленски ја отфрли можноста за територијални отстапки

09.12.2025 10:09

Украина подготвува одговор на предложениот мировен договор од САД. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека е подготвен за преговори, но нагласи дека нема законско право за откажување од територии…

Украина подготвува одговор на американскиот мировен план по консултациите на Зеленски со европските партнери во Лондон и во Брисел, отфрлајќи ја можноста за територијални отстапки кон Русија. Киев ќе му предложи алтернативи на Вашингтон, но нема да го награди Путин за војната – дециден украинскиот челник. Зеленски нагласи дека е подготвен за разговори, но само во рамки што го почитуваат меѓународното право и правото на самоодбрана.

„Дали размислуваме да се откажеме од која било територија? Немаме законско право да го сториме тоа. Според украинскиот закон, нашиот устав и меѓународното право, немаме ни морално право да го сториме тоа. Русија инсистира да се откажеме од територија, но дефинитивно не сакаме да се откажеме од ништо. За тоа се бориме, како што добро знаете“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Европските сојузници на страната на Киев, усогласени во заедничкиот став за важноста на безбедносните гаранции и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Европа ќе продолжи да придонесува во сите напори за праведен и траен мир-истакнаа лидерите на ЕУ и НАТО по состанокот во Брисел.

„Додека мировните преговори се во тек ЕУ останува непоколеблива во својата поддршка за Украина. Нашите предлози за финансирање се на маса. Целта е силна Украина, на бојното поле и на преговарачката маса. Му потврдивме на претседателот Зеленски, ЕУ останува непоколеблива и посветена на своите принципи. Суверенитетот на Украина мора да се почитува“, напишаа во објава на социјалните мрежи, Фон дер Лајен и Кошта.

Посветеноста за Украина ја потврди и францускиот претседател по разговорите во Лондон.

„Тесно соработуваме во агресивната војна на Русија во Украина“, рече францускиот претседател, Емануел Макрон.

Во Советот за безбедност на ООН жестока дебата за ситуацијата во Украина. Финската министерка за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, оцени дека руската агресија е најголемата и најдолга војна во Европа по Втората светска војна, повикувајќи на поддршка за праведен и траен мир. Рускиот претставник, пак, ја критикува Украина и нејзините европски поддржувачи, тврдејќи дека тие ја поткопуваат можноста за мирно решение.

„Ги повикувам сите да ја поддржат Украина во постигнувањето праведен и траен мир – што е можно поскоро. Убедена сум дека начинот на кој ќе заврши оваа војна решително ќе ја обликува иднината на мирот и стабилноста не само во Европа, туку и низ целиот свет“, порача Елина Валтонен, министерка за надворешни работи на Финска и претседавач на ОБСЕ.

„Сè за украинското решение сега е совршено јасно. Корумпираниот украински кнез се стреми по секоја цена да ја зачува својата моќ, а неговите европски соучесници, кои се обидуваат со сите средства да го спречат неславниот колапс на нивниот „антируски“ проект, се зафатени со торпедирање на мирните напори со поткопување на таканаречениот „дух на Енкориџ“, изјави Дмитриј Полјански, заменик-постојан претставник на Русија во ООН.

Во позадина на дипломатијата, руските напади продолжуваат. Северот на Украина под масовен удар од дронови, жителите во Суми остана без струја. Киев возвраќа. На југот и западот на Русија огласени се сирени, а четири аеродроми привремено престанаа со работа.

Бојана Крстевски